Електричните возила се делат на три категории:
А. Hybrid electric vehicle (HEV) – хибридни возила кои се напојуваат со помош на фосилни горива и електрична енергија. Електричната енергија се генерира преку сопствениот систем за сопирање на возилото и истата се складира во батерии. Овој систем се нарекува „регенеративното кочење“. Двата мотори во возилото (мотор со внатрешно согорување и електромотор) се контролирани од внатрешен компјутер кој обезбедува најдобра економичност во зависност од условите при возење.
B. Plug-in hybrid electric vehicle (PHEV) – приклучни хибридни возила се напојуваат со помош на фосилни горива и електрична енергија. Овие возила може да ја надополнат батеријата преку регенеративно кочење и преку „приклучување“ на возилото на надворешни приклучоци („штекер“ или полнач) за напојување со електрична енергија.
C. All-electric vehicle или BEV (Battery electric vehicle) претставуваат целосно електрични возила што значи дека се напојуваат само со електрична енергија односно овие возила не користат мотор со внатрешно согорување, немаат резервоар за гориво и немаат систем за издувни гасови. BEV уште се нарекуваат и приклучни електрични возила (plug in EV) имајќи во предвид дека користат надворешни електрични приклучоци за полнење на батериите. Овие возила исто така ги полнат своите батерии и преку системот за регенеративно кочење.